Тренерот на Барселона, Ернесто Валверде, има „долг“ список за зимскиот преоден рок кога станува збор за зајакнување на својата екипа. Имено, Барса сака да го засили средниот ред, па ќе се обиде да доведе барем еден од петте трансфер мети кои ги постави шпанскиот стратег.
Месут Озил е првата желба. Секако, овој интерес е познат веќе извесно време, а раководството на Барса смета дека може да ја победи конкуренцијата за неговиот потпис. Неговото евентуално доаѓање на „Камп Ноу“ одамна создаде бура, знаејќи дека три години ги бранеше боите на најглемиот ривал на „каталонците“, Реал Мадрид. Сепак, креативноста на Озил му е потребна на Валверде за вториот дел од сезоната, па затоа ќе се обидат уште во јануари да го доведат во своите редови иако договорот со Арсенал му истекува на лето.
Покрај Озил, Барса се интересира за двоецот од Шалке, Максимилијан Мејер и Леон Горецка. И за овие двајца германски репрезентативци долго време се шпекулира дека еден ден би пристигнале во каталонската престолнина, а се чини дека овој преоден рок е вистинското време за Барса да го направи првиот потег кон ангажман за овие двајца Германци на кои им се предвидува врвна кариера.
Капитенот на Лион, Набил Фекир е алтернативното решение доколку Барселона потфрли во обидот да го ангажира Озил. Одличниот Французин знае добро да се снајде во нападот, но најкорисен е кога игра позади напаѓач, како што сезонава во Лион се покажува во најдобро светло. Но, конкуренцијата за него се појавува токму од Лондон, Арсен Венгер е свесен дека ќе остане без германскиот креативец, па се надева дека ќе успее да го доведе Фекир на „Емирати“ со помош на неговиот екс-соиграч Александре Лаказет.
Последната желба на Валверде доаѓа од ЦСКА Москва. На големо изненадување, Барса се интересира за младиот Александар Головин. Неговите добри партии во дресот на ЦСКА го привлекоа вниманието на голем број европски гиганти, па веќе во јануари Головин може да го направи трансферот на кариерата доколку се согласи да потпише за Барса, и да заигра покрај големите ѕвезди како Меси, Суарез, Иниеста…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА