СЕДМЕРЕЦ: „Удри – мавај“ пред да почне ЕП!

Екипа

Секој со своја математика го чека ЕП во Хрватска, ние го чекаме командант Раул да ја построи „четата“

1.Собир без селекторот

Машката ракометна репрезентација на Македонија од денеска и официјално стартува со подготовките за јануарското ЕП во Хрватска. Првото постројување, заради празниците, ќе биде без „командантот“, но веќе од утре „црвено-жолтите“ ќе бидат во полн состав. И на терен и на клупа.

Лани Лино го прослави католички Божик со македонската репрезентација во Маврово. Годинава Раул празнично замина во родната Шпанија, а репрезентативците, кој како доаѓаше, тренираа со помошниците во „Јане“, по негов „план и програма“. Од утре тргнуваме со полна пареа. Со мала пауза за Нова Година и потоа, за православниот Божик. Како и секоја година.

Ракометарите ја имаат таа среќа први да истрчаат на терен на почетокот на секоја година. Но, и работно, да ги „протрчаат“ празниците.

Веќе се навикнати. И тие и ние со нив.

2.Македонска ракометна треска

dres kolaz

Ова ми е еден од омилените сувенири. Ги носеа македонските ракометари на „загревање“ пред она историско ЕП во Србија пред шест години, а потоа завршуваа во публиката. Овој од капитенот случајно „летна“ до новинарската маса. И остана како потсетник за македонската ракометна еуфорија пред најголемиот успех на македонската репрезентација кога за еден гол можеше да биде и европско полуфинале.

Секој успех, дефинитивно е резултат на квалитет, многу работа, напорни тренинзи со години, тактики, анализи…Тоа е во оној стручниот дел.

Но, црвeните букви на оваа „маичка“ се токму таа дополнителна енергија што ја дава Македонија за ракометот. Во јуни, во октомври и секој јануари, без исклучок.

Сега сме ракометно многу поискусни на голема сцена, и можеби малку потивки од онаа „нишко-белградска“ еуфорија во 2012. Но, ни Хрватска не е далеку.

А, кога претседателот оптимистички ќе рече: „Па, нема да одиме во Хрватска само на шест дена…“, тогаш целта е јасна.

3. Екс-ју врска

Франција и понатаму е број еден, Германија е опасен бранител на европската круна, Норвешка е фаворит за медал…Но, претстојниот шампионат во Хрватска дефинитивно ќе биде „европско со балкански шмек“. Дури пет репрезентации од поранешните југословенски простори ќе настапат на ЕП во Хрватска. Стари ривали, поранешни селектори, клупски колеги, емотивни врски, роднини и пријатели…Ќе има од се по нешто во балканските ракометни пресметки.

Хрватска и Србија во Сплит, Македонија и Словенија во Загреб уште на почеток, а веднаш потоа и Македонија со Црна Гора. Пред тоа на подготовки, Србија и спарингува на Македонија и на Словенија, Црна Гора ќе ја „глуми“ Србија во контролата со Хрватска.

Кои скарани, кои смирени, едни без други не оди!

Македонија во групата игра против двајца поранешни селектори. Вујо со Словенија против родната Црна Гора и Македонија со која е „емоционално врзан“ и омилен кај навивачите. Во едно интервју „за Германците и партизаните“, убаво си кажа дека ќе има и она „зошто не ни пушти“…

Во Македонија минатата недела имаше повеќе текстови за сообраќајката на црногорскиот вардарец Вуко Борозан, отколку за „валандовскиот конгрес“, а селекторот на Црна Гора, Драган Ѓукиќ, кој едно време беше и на македонската клупа, направи „балканска шема“ за мотивација – „Ние ја победивме Чешка, а Чешка ја ‘измлати’ Македонија…“

Тоа што во јуни Македонија ја ‘измлати’ Чешка, нема врска, божем Црногорците ќе проверуваат резултати. Битно да се билда атмосфера. Онака по балкански.

Па по оваа „математика“, Македонија ако ја победи Црна Гора во вториот меч, третиот со Германија не мора ни да го играме. Оти Црна Гора еднаш со Зоран Кастратовиќ ја „измлати“ Германија, а Германија е европски шампион. Па ние ако ги „измлатиме“ Ѓукиќ и Црна Гора автоматски сме подобри од европскиот шампион?!!!!

Она вистинското ракометно „млатење“ почнува за неполни дваесетина дена. А дотогаш ќе се вртат овие балкански приказни.

4. Тргна возот и од Автокоманда

Тамам малку стивна егзодусот на вардарци низ Европа, тргна возот и од другата страна, од Автокоманда. Официјална потврда засега нема, но неколку заминувања веќе се во најава.

Капитенот Филип Кузмановски веќе „учи“ германски.

Дарко Арсиќ цела полусезона е полуприсутен на голот, а сега веќе и спакуван за Португалија.

Црногорецот Божо Анѓелиќ од ЕП во Хрватска, наместо во Скопје може да продолжи кон Букурешт, според „балканските“ шпекулации.

И згора на се, по Наумче Мојсовски и Павел Атман го доби спорот и си ги бара парите од Металург. Оние заостанатите од „големата криза“.

Во стилот „не сакав да биде вака, ама, извинете, морално беше…“ и рускиот репрезентативец бара наплата. Дружба е дружба, а служба е служба. Никој веќе не игра за топол оброк.

Се вчитува...