Куманово со „жесток“ пресврт до победа во Гостивар, Охрид лесно со „соколчињата“

Кошаркарите на Гостивар пропуштија голема можност за победа над Куманово во 11. коло од Првата македонска кошаркарска лига, дозволувајќи гостите со жесток пресврт во последната четвртина да дојдат до победа од 84-89.

Гостиварци одлично го почнаа мечот, првата четвртина ја добија со шест поени предност (19-13), а потоа во еднаков ритам ја контролираа играта со до последниот период. Во последната четвртина влегоа со предност од 10 поени (68-58), но потоа со неочекуван пад во играта дозволија гостите да ја добијат последната четвртина со дури 15 поени предност (16-31), за конечна победа.

Најефикасен во победата на Куманово беше Караџоски со 21 поен, плус и со 9 скока и 9 асистенции, Јанески постигна 16 поени (плус и 6 скока и 5 асистенции), а Мекиќ мечот го заврши со 13 поени. Во поразениот тим се издвоија Димчевски и Тодоровиќ со 24 односно 23 постигнати поени.

Куманово на тој начин се израмни со Гостивар на табелата, на делба на третата позиција, со 7 победи и 4 порази.

Охрид АВ, пак, без никакви проблеми убедливо со 113-58 славеше против подмладениот тим на Карпош Соколи.

Дури седум кошаркари на Охрид го завршија мечот со двоцифрен број поени, а најефикасен беше Глигоријевиќ со „дабл-дабл“ од 20 поени и 18 скока. По 17 поени запишаа Донески и Бојоски, кој имаше и 9 скока, а 14 поени имаше Зимиќ. Кенет и Бакоч завршија со по 12 поени, а Јанески постигна 11 поени.

Во поразениот тим најдобар беше Атанасов со 23 поени, а Најдовски мечот го заврши со 12 постигнати поени.

Охрид во десеттиот натпревар ја запиша петтата победа, додека Карпош Соколи по 11 меча е со пет победи и сега со шест порази.

Се вчитува...