Мрачна е атмосферата во редовите на МЗТ Скопје во последните два месеци, во кои актуелниот првак на Македонија не знае за победа во АБА-лигата. Демотивираноста и нефокусираноста на играчите е очигледна, но тоа не е никаков изговор за Никола Павличевиќ и неговото однесување по завршувањето од натпреварот со ФМП.
ФАКТ е дека Црногорецот е меѓу најголемите промашувања кога станува збор за засилувањата, доказ за тоа се и скромните пет поени против ФМП и шутот 0/7 за тројка, но нервозата за својата слаба игра не може и не смее да биде изговор за однос под секое ниво. Навивачите се тука да ги бодрат играчите, но сигурно не им е сеедно кога гледаат како преплатените странци не даваат ниту 50% од она што треба бранејќи ги боите на својот клуб. А Павличевиќ треба да се погледне во огледало и да си признае на самиот себе, а потоа и на другите, а не да се лути. Бидејќи сепак не е суперѕвезда, туку играч што на стартот од сезонава немаше клуб, а претходно врв во кариерата му беа Шолнок и Унион Олимпија.
На потег е управата на МЗТ Скопје, која конечно еднаш треба гласно и цврсто да застане во одбрана на реномето на овој клуб – и да му даде шут-карта на Павличевиќ. Не дека престапот е толку страшен да заслужува „смртна казна“, туку едноставно – во период на најголемата криза во последните години да се стави до знаење дека овде не може секој да прави што сака. Финансиска казна нема да биде доволно силна порака до Павличевиќ, но и до останатите играчи, а „исклучувачка грешка“ може да ја донесе посакуваната шок-терапија.
Впрочем, ионака „од авион“ се гледа дека на МЗТ Скопје очајнички му е потребен квалитетен плејмејкер, во ситуација кога и Павличевиќ и Мавра многу повеќе гледаат на шут отколку на разигрување на остатокот од тимот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА