Оклахома потешко од очекувањата на домашен терен дојде до победа над Атланта од 120-117 во еден од синоќешните дуели во НБА лигата.
Триумфот го донесе Расел Вестбрук со тројка во последната секунда од мечот. Плејмејкерот на Оклахома имаше одлична вечер со 30 поени, а на тоа дополни и 15 асистенции. Кај Атланта Белинели запиша 27 поени.
Хјустон не успеа да дојде до победа над ЛА Клиперс и покрај тоа што Џејмс Харден повторно „лудуваше“. Ракетите во својот „Тојота центар“ загубија со 128-118.
Најзаслужен за победата на Клиперси беше Остин Риверс кој постигна 36 поени, но треба да се каже дека одлична партија имаше и Лоу Вилијамс со 32 поени.
Харден броеше до неверојатни 51 поен, но тоа не беше доволно за славје на неговата екипа. Освен него треба да се спомне и Ерик Гордон со 28 поени.
Милвоки, пак, во второто полувреме го скрши отпорот на незгодниот Шарлот па на крајот славаше со 109-104.
Кошаркарите на Детроит запишаа тесна победа против Њујорк од 104-101, додека Њу Орлеанс убедливо со 111-97 славеше над Орландо.
И покрај тоа што Њујорк долго контролираше се на теренот, сепак Детроит во последната минута дојде до триумфот. Кристапс Порзингис одигра добра партија кај поразените со 29 поени, додека на спротивната страна Тобиас Харис броеше до 24 поени.
ДеМаркус Казинс беше најдобар кај Њу Орленс во триумфот над Орландо со 26 поени и 11 скока.
Во последниот меч на вечерта, Голден стејт славеше против ЛА Лејкерс со 113-106. Кевин Дурант пружи уште една одлична партија со 33 постигнати поени, додека рукито Џордан Бел броеше до 20. Кај Лејкерси најефикасен беше Кајл Кузма кој постигна 27 поени, а Лонзо Бол запиша 24 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА