Македонската ракометна репрезентација од ден на ден е се побројна на тренинзите што се одржуваат во СЦ „Јане Сандански“, во првата фаза од подготовките за ЕП 2018 во Хрватска. Од денеска на тренинзите се приклучи и првиот голман Борко Ристовски, кој по пристигнувањето од Барселона веднаш се фати за работа приклучувајќи се на помладите на тренинзите, на 22 дена пред премиерниот натпревар со Словенија.
Заедно со Ристовски од денеска на тренинг е и стартното десно крило Гоце Георгиевски, како и членовите на Металург, така што тренерите Парондо и Царчев на располагање веќе имаат посериозен број на ракометари на располагање.
Првиот официјален собир на националниот тим е закажан за понеделник, а последни ќе пристигнат „Германците“ Филип Талески и Филип Миркуловски, кои имаат обврски во Бундес-лигата.
Македонија се наоѓа во групата Ц од ЕВРО 2018 во Хрватска, во рамките од која во арената во Загреб избраниците на Раул Гонзалес ќе се сретнат со Словенија (13 јануари), Црна Гора (15 јануари) и Германија (17 јануари).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА