Вујо мајсторе: Со Македонија сум врзан емотивно, во Црна Гора сум роден…

Веселин Вујовиќ како селектор на репрезентацијата на Словенија, роден Црногорец и „емотивно врзан“ за Македонија, и во пресрет на ЕП во Хрватска истакнува дека на првенството ќе има противници што најмалку ги посакувал. Во групата Ц во Загреб ќе играат Македонија, Словенија, Црна Гора и плус актуелниот европски шампион, Германија. А, токму на отворањето на 13 јануари, ќе играат Македонија и Словенија.

„Уште пред ждребот реков дека не би сакал да бидеме во група со репрезентации од нашето опкружување, а ете, добив две. Македонија е земја за која сум емотивно врзан, и поради Вардар и поради мојот однос со нив долу. Црна Гора е земја во која сум роден, мои луѓе и никој не гледа дека тоа е Вујовиќ кој замина одмана и помина низ цела Европа. И знам дека ќе биде она „зошто не не пушти“. Кој кого пушта денеска?“ – вели Вујовиќ во интервјуто за Oslobodjenje.ba.

Како долгогодишен тренер на Вардар и поранешен селектор на Македонија, Вујо, добро ги познава македонските ракометари и македонската репрезентација, со сите предности и недостатоци. На СП во Франција во јануари годинава, Словенија го доби дуелот со Македонија (29-22), но потоа Словенците го исфрлија Тунис од игра со реми што и одеше во прилог на Македонија. А, што се однесува до „загрепската група“, Вујовиќ ја издвојува Германија како главен фаворит, а Македонија како противник што може да им направи проблеми на фаворитите.

Морам да кажам дека Германците се фаворити, па потоа се Словенците, а Македонија и Црна Гора би требало да се борат за третото место. Тоа е така на хартија, но сигурно е дека Македонија и Црна Гора имаат добри состави и дека ќе ни прават проблеми и нас и на Германците“ – вели Вујовиќ.

За својата работа во репрезентацијата на Словенија со која стигна до бронзениот медал на СП во Франција, Вујовиќ вели дека се обидел да ја смени „конфигурацијата на екипата и на играчите и дека некогаш е во право, а некогаш не, но на крај тој е шефот.

„За две и пол години имав многу акции со репрезентацијата на Словенија. Се трудев да ја сменам конфигурацијата на екипата и на играчите…Дали јас можам да погрешам? Па, се разбира дека можам, но јас цела година размислувам за тоа кого да викнам и како да го склопам тимот, а некој ќе се сети да ме праша за тоа кога ќе го објавам списокот. Јас сакам да кажам дека шефот често не е во право, но тој е шеф! Во оваа приказна јас сум шеф и имам право да одлучувам. Оној момент кога ќе го правам списокот според нечии желби, тогаш веќе нема да бидам селектор на Словенија“ – во свој стил објаснува Веселин Вујовиќ.

Европското првенство во Хрватска ќе се одржи од 12 до 28 јануари. Натпреварите од нашата група Ц ќе се играат во Загреб. Македонија отвора со Словенија на 13 јануари, на 15 јануари е дуелот со Црна Гора, а во последниот натпревар од групата, на 17 јануари е натпреварот против Германија. Пласман во следната фаза на ЕП обезбедуваат првите три репрезентации од групата.

Се вчитува...