Добри вести за левиот век на Вардар, Црногорецот Вуко Борозан по синоќешната сообраќајка во која се здоби со повреда на бутниот мускул.
По денешните детални лекарски прегледи, како што информираат црногорските медиуми, позитивни се информациите околу можноста Борозан да заигра и на Европското првенство во Хрватска следниот месец. Иако првично се сметаше дека ќе мора да биде надвор од терените повеќе од два месеци, сега лекарските предвидувања се дека ќе може да се врати на паркетот веќе за три недели.
„Денеска сум многу подобар, но ќе морам да мирувам најмалку три недели. Потоа ќе видиме. Во овој момент секоја прогноза е неблагодарна“ – вели Борозан во изјава за црногорските медиуми.
Борозан синоќа загуби контрола над автомобилот поради замрзнат пат во близина на неговото родно Цетиње во Црна Гора. Во автомобилот со него била и неговата сопруга Ива, но и двајцата се во добра здравствена состојба. За вардаровиот ракометар остануваат уште неколку прегледи по што ќе следи и официјалната информација од црногорската репрезентација околу настапот на ЕП.
Црна Гора е во група со Македонија на Европското првенство во Хрватска. Меѓусебниот натпревар е на 24. јануари, а Црногорците се надеваат дека до тогаш, сепак, ќе го имаат на располагање својот најдобар ракометар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА