Работнички извонредно ја стартуваше новата сезона во македонскиот шампионат, бележејќи победи на првите десет натпревари во елитното кошаркарско друштво. Со овој скор Марин Докузовски и неговите избраници си обезбедија место во „избрано друштво“ на само десет екипи во цела Европа, кои не знаат за пораз во домашното првенство.
Само за споредба, крај Работнички се наоѓаат ЦСКА Москва и Панатинаикос со по девет победи во Русија, односно Грција, но затоа го нема европскиот првак Фенербахче кој веќе претрпе пораз во турското првенство. Апсолутен рекордер е норвешкиот Аскер со седумнаесет победи од стартот на сезонава, пред Сигал Приштина со четиринаесет триумфи.
Тимот од „Градски парк“ речиси сигурно ќе ја продолжи триумфалната серија и наредниот викенд, кога го очекува дуел на домашен терен со Струмица.
Само за потсетување, Општина Центар издвои речиси половина милион евра од својот буџет за КК Работнички за 2018 година, уште еден јасен предзнак дека „црвено-белите“ се решени сезонава да одат до крај и по долга пауза конечно да се закитат со титулата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА