Велимир Перасовиќ од денеска повеќе не е шеф на стручниот штаб на Анадолу Ефес, откако доби отказ од раководството на турскиот кошаркарски гигант. Причината е јасна, слабите резултати на тимот пред се во Евролигата, каде Ефес се наоѓа на делба на претпоследното и последното место на табелата со Милано, со скор од само три победи и девет порази по првите дванаесет кола.
Вчерашниот неуспех против Басконија, на кој Ефес прокоцка солидна предност и на крајот загуби со 81-82 на домашен терен, ја прели чашата со незадоволство, па денеска и официјално беше објавен прекинот на соработката меѓу турскиот клуб и хрватскиот стратег. Заедно со Перасовиќ тимот на Ефес го раскина и договорот со словенечкиот репрезентативец Едо Муриќ, кој имаше минимална минутажа од стартот на сезонава.
Како што најавува турскиот весник „Хуријет“, нов тренер на Анадолу Ефес ќе биде домашниот стратег Ергин Атаман, со кого веќе се договорени условите за соработка. Поранешниот тренер на Галатасарај и селектор на турската репрезентација претходно има работено во Ефес во два наврати, од 1999 до 2001 и од 2008 до 2010 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА