Црвена Звезда стигна до петтата своја победа во 12. коло од Евролигата, славејќи на гостувањето против Валенсија со 82-86.
Црвена Звезда одлично го почна мечот добивајќи ја првата четвртина со цврста игра под обрачите. Сепак, добриот старт не значеше сигурен ритам за белграѓани во продолжението, па Шпанците со одлична игра успеаја да стигнат до комплетен пресврт и веќе по три периоди игра имаа 63-56.
Но, Црвена Звезда со одлична серија во последниот период во кој се издвои и Перо Антиќ успеа да се избори за максимално неизвесна завршница. Па, во израмнет финиш на 39 секунди до крајот со поените на Рочести српскиот тим дојде до 77-78. Откако домашните не реализираа напад, потоа следеа нови поени за да се приведе до крајот за триумф од 82-86.
Антиќ одигра нешто повеќе од 25 минути на мечот, постигнувајќи 10 поени (две тројки од четири обиди), дополнети и со една асистенција. Најефикасен во победничкиот состав беше Џејмс Фелдин со 25 поени, додека 13 поени запиша Рочести.
Со оваа победа Црвена Звезда стигна до петтиот триумф во Евролигата, од 12 одиграни натпревари, додека Валенсија го запиша и деветтиот пораз, наспроти три победи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА