За некого „небитен“, но Перо Антиќ секојдневно ја покажува својата големина, како на кошаркарски, така и на човечки план.
Екс-капитенот на националниот тим овојпат реши да помогне во најважната битка на Стеван Гешовски Гешо, покривајќи ги преостанатите средства што треба да бидат собрани за поранешниот кошаркар да може да замине на терапија со матични клетки во Москва.
Претходно МЗТ Скопје и Работнички приходите од вечното дерби ги наменија токму за Гешовски, но откако не беа собрани доволно средства Антиќ реши самиот да ја покрие разликата, уште еднаш покажувајќи ја својата големина. Информацијата ја обелодени раководството на КК Гостивар, каде Антиќ е еден од членовите на управата.
„КК Гостивар и претседателот Перо Антиќ, се приклучуваат кон хуманитарната акција за помош на кошаркарската легенда, Стеван Гешовски Гешо, кој што пред две години доживеа исхемичен мозочен удар.
Како последица на тоа, Гешовски има отежнат говор, парализирана десна страна и болки во екстремитетите, за што најадекватна метода за лекување е терапија со матични клетки во Москва. Лекарите веруваат дека со помош на оваа терапија би ги вратиле моторните функции на екстремитетите, неговиот говор и дека тој би бил ослободен од константните болки.
Терапијата со матични клетки во Москва чини 17.000 евра, до кои што на Гешо му недостасуваат уште 8.000 евра, сума што ќе ја обезбедат КК Гостивар и претседателот Перо Антиќ. Со овој хуман гест, се надеваме дека ќе му помогнеме на Гешо, да го врати животот што го имаше претходно“ – се вели во соопштението на гостиварци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА