Младен Ѓуроски повеќе не е тим-менаџер во КК Гостивар, откако поранешниот репрезентативец си поднесе оставка од оваа функција. Како причина Ѓуроски го наведе зголемиот број на професионални ангажмани во следниот период, поради што не е во можност целосно да се посвети на клупската работа. Под негово водство беа поставени цврсти темели на клубот, составен сериозен ростер, но и обезбедени услови во салата, по враќањето на Гостивар во елитното македонско кошаркарско друштво. Воедно, Ѓуроски порачува дека е подготвен во иднина повторно да му помогне на клубот од својот роден град.
„Поради зголемениот обем на обврски и идни ангажмани се повлекувам од фунцијата тим-менаџер во КК Гостивар. Клубот прерасна во стабилен прволигаш кој е поставен на цврста основа. Прикажавме одлични игри и резултати. Се надевам дека и во иднина ќе продолжи да се движи во иста насока. Доколку треба било каква помош , јас секогаш ќе бидам тука“, истакнува Ѓуроски.
Останува да се види дали и колку заминувањето на тим-менаџерот ќе се одрази врз резултатите на новиот прволигаш, кој заедно со Блокотехна е најпријатно изненадување сезонава.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА