Меси не тресел мрежа само против Челси, но дали на клетвата и дојде крај?

Челси и Барселона по пауза од шест години повторно ќе се сретнат во нокаут фазата на Лигата на шампиони. Англискиот првак и шпанскиот гигант за разлика од последниот нивен двомеч кој беше во полуфиналето во 2012 година, сега силите ќе ги одмерат во осминафиналето, по третпат во историјата на нивните меѓусебни дуели.

Иако навидум Барселона е фаворит во оваа пресметка, на најдобриот фудбалер на „каталонците“ Челси му претставува најтежок предизвик со кој се соочил во кариерата. Имено, Лионел Меси на осум дуели со „сините“ нема постигнато ниту еден гол, а упатил 29 удари кон голманите на англискиот клуб. Тоа е негов најлош рекорд против една екипа. Во 2012 година Меси можеше да го скрши мразот од белата точка, при резултат од 2-1 за Барселона можеше да стави точка на мечот, но неговиот удар заврши во гредата.

Од севкупните 15 натпревари (три во УЕФА Куп (сега Лига Европа) и 12 во Лигата на шампиони) и Челси и Барса се рамноправни во тие погледи, по пет победи на двете екипи и пет нерешени дуели. Последните две средби завршија во корист на Челси со резултат од 1-0 на „Стемфорд бриџ“ и 2-2 на „Камп Ноу“, со тоа што „сините“ тогаш обезбедија финале против Баерн Минхен и подоцна го освоија и првиот трофеј од ЛШ во нивната историја.

Првата пресметка од двобојот Челси – Барселона е закажана за 20. фебруари 2018 година на „Стемфорд бриџ“,  додека реваншот на „Камп ноу“ е на 14. март.

 

Се вчитува...