Фенербахче продолжи со одличните игри во Евролигата, откако актуелниот европски првак на гостувањето во Барселона го декласираше каталонскиот гигант со 68-83, за своја четврта победа во низа и вкупно осма досега во елитното европско натпреварување.
Барса одигра фуриозно во нападот во првата четвртина постигнувајќи 28 поени (28-22), за потоа Обрадовиќ да постави одбрана со која целосно ги исфрли од ритам домашните кошаркари. Каталонците во втората и третата четвртина постигнаа вкупно 23 поени (10-17, па 13-25), со што Фенер си создаде удобна предност и на крајот заслужено славеше убедлива победа. Слукас со 17 поени беше најефикасен кај актуелниот шампион, пред Вонамејкер со 16 и Нанали со 14 поени.
Далеку поинтересно и понеизвесно беше во Атина, каде лидерот Олимпијакос по огромна битка го совлада Реал Мадрид со 92-83, дури по продолжението од пет минути. „Кралевите“ се вратија во мечот и со тројката на Керол стигнаа до израмнување, а откако Принтезис промаши две слободни фрлања на четири секунди до крајот мечот мораше да биде решен со продолжение. Во дополнителните пет минути целосно царуваше грчкиот тим, постигнувајќи дури 20 поени и продлабочувајќи ја кризата на „кралевите“, за кои ова беше трет пораз во низа, петти во последните шест кола од Евролигата.
Принтезис со 21 поен беше најдобар поединец кај Олимпијакос, додека во главна улога кај Реал Мадрид повторно беше Лука Дончиќ со 33 поени, 6 скока и 4 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА