Блокотехна во деветтото коло ја забележа и својата осма победа во рамките од македонскиот шампионат, триумфирајќи на домашен терен против Струмица со убедливи 112-57. Сосема очекувано, тимот од Гевгелија се покажа пресилен за гостинскиот состав, избраниците на Марјан Илиевски доминираа во речиси целиот натпревар и на крајот заслужено се радуваа на нова победа, во која во второто полувреме учествуваа и голем дел од младите кошаркари на Блокотехна.
Мијатовиќ беше клучен играч во првата четвртина, кога српскиот центар реализираше 14 поени, а тимот од Гевгелија поведе со 29-18. Доминацијата на домаќините продолжи и во вториот период, десет минути што Блокотехна ги доби со 25-13, по што екипата од Гевгелија продолжи да ја зголемува својата предност и во преостанатите 20 минути игра, иако на теренот влегоа резервните кошаркари на домашниот тим.
На крајот мечот заврши со конечни 112-57, најефикасни кај Блокотехна беа Мијатовиќ со 23 поени, Божинов со 13, Главчев со 10 поени и 9 асистенции, а одличен натпревар одигра и центарот Дујковиќ, кој реализираше 18 поени, 11 скокови, шест украдени топки и пет блокади, сето тоа за само 20 минути игра. Кај Струмица најефикасни беа Дил со 14 и Тајнс со 13 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА