Кире Лазаров со Нант денеска ќе му биде домаќин на Борко Ристовски и на Барселона во „мечот на неделата“ во Лигата на шампионите (20.45 ч.). Дуелот кој директно ќе решава која од овие две екипи ќе презими на втората позиција во Групата А, поблиску до Вардар, освен резултатски ќе биде интересен и од неколку други аспекти.
Освен Лазаров, кој по втор пат се соочува со својот поранешен клуб, од ракометарите на Нант свое минато во Барселона имаат и Едуардо Гурбиндо и Давид Балагер. Во обратна позиција во составот на Барселона е Валеро Ривера кој претходно шест години го носеше дресот на Нант и вечерва се враќа на добро познат терен.
Ова ќе биде втор меѓусебен дуел на Нант и на Барселона во Лигата на шампионите. На првата средба во „Блауграна“, каталонскиот тим победи со 31-25. Според моменталната состојба на табелата, Нант е едно место погоре со еден бод повеќе од Барселона. И статистиката пред овој дуел му оди во прилог на францускиот тим кој сезонава нема пораз на домашен терен и вкупно има само еден пораз од 12 одиграни натпревари во сите досегашни настапи во ЛШ.
Барселона сезонава има балансирани две победи, два порази и едно реми во гости и доколку го добие вечерашниот дуел, ќе го симне Нант од втората позиција на табелата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА