Во пресрет на утрешната ждрепка во Москва со која ќе бидат одредени групите за Светското фудбалско првенство во 2018 во Русија, одново се присутни приказните и шпекулациите за местени и диригирани извлекувања.
Веќе е добро позната приказната за топли и ладни топчиња со кои на тие што извлекуваат им се сугерира која да ја земат, но ФИФА ги отфрла шпекулации за можни малверзации во ждрепката за СП.
„Ве повикувам сите на бината сами да ги проверите топчињата и дали е се регуларно. Да, едно топче ќе биде во друга боја, но тоа е она во кое ќе биде Русија бидејќи домаќинот сигурно игра во групата А. Сите тие приказни дека ждрепката е наместена се глупости“ – изјави директорот за натпреварување во ФИФА, Крис Унгер.
По ждрепката за СП 2014 во Бразил, аргентинските новинари пишуваа дека пред извлекувањето им кажале со кого ќе биде во група нивната репрезентација, што тогаш отвори сомнежи во регуларноста на ждрепката. А, тие сомнежи се присутни и речиси при секое извлекување. Интерес во јавноста предизвика и изјавата на поранешниот преседател на ФИФА, Сеп Блатер.
„Се разбира дека тое е лесно изводливо со топли и ладни топчиња. Но, тоа нешто го немаше на натпреварите под покровителство на ФИФА, што не можам да кажам и за европските натпреварувања. Лично бев сведок на некои ждрепки под УЕФА кои беа наместени. Но, во ФИФА никогаш, барем не во мое време“ – коментира Сеп Блатер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА