Здружението на кошаркарски прволигаши денеска одржа состанок на кој конечно беше обезбеден кворум, а на кој се дискутираше околу моменталната состојба на кошаркарската сцена и влошената финансиска ситуација кај дел од клубовите.
Фени индустри е прв на удар откако фабриката како главен акционер замина под стечај, но кај директорот на кавадаречкиот клуб, Александар Димитровски, владее оптимизам дека кавадаречкиот клуб ќе опстои на кошаркарската сцена. Тој на денешното здружение открил дека имал позитивни разговори со заинтересирани странки за влез во клубот, но не можел да даде конкретна временска рамка кога овие преговори би биле финиширани, а клубот би застанал на здрави нозе.
Карпош соколи, вториот клуб кој се соочува со егзистенционални проблеми, немал свој претставник на денешното здружение. Како што дознава ЕКИПА, „соколите“ се подготвени да ја доиграат сезоната со кошаркари од младинската школа од актуелниот вицепрвак, но од останатите клубови ќе побара своите домашни натпревари да ги игра на нивни терен, почнувајќи од претстојниот дуел со Блокотехна.
Меѓу другото, ќе биде побаран извештај од МКФ околу исплатата на казните од страна на клубовите, но и ќе се бара од куќата на кошарката промена на ценовникот за лиценци за странски кошаркари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА