Лошата серија на Рајн Некар Левен продолжи и на гостувањето против ППД Загреб на кое германскиот шампион неочекувано беше поразен со 30-26 , во натпреварот од 10.коло во групата А од Лигата на шампионите. За „лавовите“ кои во претходното коло одиграа нерешено со Вардар, оваа е вкупно петти натпревар без победа, трет по ред во ЛШ. Рајн Некар Левен по овој пораз останува со 12 бода и ќе презими на четвртата позиција во групата.
За ППД Загреб кој па е на дното на табелата, ова беше прва победа по десет одиграни натпревари во групната фаза од ЛШ и први бодови под водство на новиот тренер Златко Сарачевиќ.
Хрватскиот шампион речиси во текот на целиот натпревар беше во водство и на крај тоа го круниса и со прва победа сезонава во ЛШ. Невообичаено кога е германскиот шампион во прашање, Рајн Некар Левен на овој дуел против послднопалсираниот противник во групата само еднаш во сите 60 минути беше во позитива и тоа на почетокот кога поведе со 1-2. На полувремето ППД Загреб имаше предност од 17-13, а на средината од вториот дел стигнаа и до +9 поведувајќи со 25-16.
Во непрепознатливото лошо издание на геррманскиот шампион во последните десет минути дури и искусниот Гудјон Валур Сигурсно промаши два седмерци по ред. Рајн Некар Левен до крајот успеа само да ја намали негативата, но не и да го загрози првиот триумф на ППД Загрев со конечните 30-26.
ППД Загреб во триумфот го предводеа Златко Хорват со осум гола и Дамир Бичаниќ со пет. Кај Рајн Некар Левен најефикасен беше Сигурдсон со девет погодоци. Филип Талески доби солидна минутажа, претежно во одбраната, но успеа да запише и два гола.
Со комплетирањето на 10.коло викендов завршува првиот дел од сезоната во ЛШ по што следува зимската пауза за репрезентативните настапи на ЕП 2018 во Хрватска, а натпреварите во ЛШ продолуваат во втората половина на февруари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА