Екипата на Нант, во чии редови настапува и Кире Лазаров, денеска славеше над Висла со 32-30, за уште еден значаен чекор напред кон осминафиналето од Лигата на шампионите. За Нант ова е прва сезона како учесник во елитните групи од ЛШ, па јасно е дека пласманот во следната рунда е примарна цел за Лазаров и соиграчите, цел што се на добар пат да ја исполнат.
Решавачката предност беше направена во првите петнаесетина минути, во кои Нант поведе со 9-2. На полувремето се замина со убедливи 18-12 за домашниот тим, гостите за момент се заканија со серијата од 0-4 на стартот од вториот дел, за Лазаров и соиграчите навреме да се консолидираат и на крајот да слават рутински, со конечни 32-30, откако разликата во ниту еден момент не се спушти под два гола разлика.
Македонскиот капитен го заврши натпреварот со три постигнати погодоци, a најефикасен беше Буриќ со шест гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА