Со надеж дека може да ја повторат играта од првиот меч во Украина и да ја прекинат лошата серија, ракометарите на Металург денеска (17.30 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“ го пречекуваат Мотор Запорожје, во натпреварот од 9.коло од групната фаза во Лигата на шампионите. За овој натпревар „металурзи“ ќе имаат и „техничка поддршка“ од трибините. Според најавите, таму треба да биде Лино Червар кој официјално се уште е прв тренер но поради селектроскиот ангажман во Хрватска веќе подолго време е отсутен, а на клупата на Металург го менува неговиот помошник Александар Јовиќ.
„Ние ќе го водиме натпреварот, а Лино ќе биде на трибините. Нема да бидеме „на линк“, но секој совет од него е добредојден“ – потврди Александар Јовиќ пред дуелот со Мотор Запорожје.
„Металурзи„ имаат три порази во последните три натпревари во ЛШ по кои дефинитивно ги загубија шансите за второто место во групата и продолжен настап во елитното натпреварување, но ветуваат борбена и пожртувана игра до крај. Во можеби најдоброто издание сезонава, Металург на првиот дуел со Мотор Запорожје во Украина избори реми (28-28) и во тимот од Автокоманда се надеваат дека и сега ќе ја повторат таквата игра.
„Нашите шанси ги гледам во добрата одбрана, иако во последните натпревари таа малку потфрли, што се гледа од големиот број на примени голови. Потребна ни е и поддршката од голманите и доколку тие запишат 13-14 одбрани, мислам дека може да бидат пресудни. Секако, ќе треба и во нападот да играме до чиста шанса. Овој натпревар треба да ни ја подигне самодовербата и затоа сите ќе дадеме максимум“ – најави Александар Јовиќ.
По првите осум кола, Металург е на 5.место во групата Д со две победи, едно реми и пет порази. Мотор Запорожје во Скопје доаѓа со обезбедено второ место во групата со четири победи, три нерешени и само еден пораз во досегашните осум дуели.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА