Македонската ракометна репрезентацијa со пораз го стартуваше настапот на „Трофеј Карпати“, губејќи во пресметката со Бразил со резултат 19-32. Нашиот национален тим речиси цело прво полувреме му парираше на поквалитетниот противник, но немаше сили да го издржи темпото, па со пад на ритамот во вторите 30 минути на крајот претрпе убедлив пораз. Мора да се истакне и влијанието на поранешната голманка на Вардар, Мајса Песоа, која по влегувањето во игра на стартот од второто полувреме со бројни интервенции ги откажа нашите репрезентативки.
По цели шест минути без постигнат погодок првиот гол на мечот за Македонија го постигна Елена Ѓорѓиоски, најавувајќи го своето одлично прво полувреме во кое постигна шест погодоци. Одбраната функционираше беспрекорно во првите десетина минути, во кои не им дозволивме на противничките да се одлепат, а кога Бразилките влегоа во ритам, истото го сторија и нашите ракометарки во нападот, па мечот беше „егал“ се до пред самиот крај на полувремето. Тогаш, при резултат 13-14 исклучување заработи Сара Ристовска, по што Бразилките набрзина поведоа со 13-16, потоа и промашија цепелин со звукот на сирената од првото полувреме.
На самиот старт од второто полувреме на голот на Бразил застана поранешната „вардарка“ Песоа, одбраната на „кариоките“ доби на свежина, па и предноста ексресно двојно се зголеми, на 13-19. Првиот погодок во полувремето Македонија го псотигна во 37. минута од пенал, но со тоа не ги запре налетите на бразилскиот состав, кој целосно го контролираше мечот во второто полувреме. На почетокот од 54. минута противникот за првпат стигна до двоцифрена предност (18-28), за на крајот натпреварот да заврши со убедливи 19-32 за Бразил.
Елена Ѓорѓиевска беше најефикасна во македонската репрезентација со шест гола, три постигна Сара Ристовска, а по два гола реализираа Теодора Керамичиева, Елена Ливриниќ и Јована Саздовска.
Нашите репрезентативки утре во рамките од второто коло од овој силен турнир ќе се сретнат со домаќинот Романија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА