Роберт Просинечки станува најсериозен кандидат за селектор на Босна и Херцеговина откако поранешниот хрватски репрезентативец ги промени своите планови за иднината и реши да седне на маса со претставниците на Фудбалската федерација на БиХ. Просинечки уште пред еден месец беше поврзуван со селекторските места во БиХ и во Словенија, но тогаш изјави дека не е заинтересиран бидејќи по работата како кормилар на Азербејџан, сега приоритет му е враќањето во клупскиот фудбал.
Сепак, откако во изминатиот период не најде соодветен ангажман, тој повторно стана достапен за Босанците.
„Пред неколку дена повторно ме контактираа челниците на Фудбалскиот федерација на БиХ и прифатив да седнеме да преговараме околу преземањето на селекцијата на БиХ. Следната седмица ќе седнеме на разговори, ќе видиме што ќе излезе од сето тоа. Знаеме дека БиХ има квалитетни репрезентативци, оваа работа би била голем предизвик за секој тренер“ – истакна Просинечки.
Главен конкурент на Хрватот ќе му биде Амар Осим, откако Мехо Кодро отпадна од комбинација бидејќи не ја добри поддршката на ИО на Фудбалската федерација на БиХ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА