Селекторот на македонската репрезентација, Јорданчо Давитков, не го крие задоволството по големата победа извојувана на гостувањето во Словачка, со што широко се отвораат вратите нашиот национален тим да се пласира во главната квалификациска фаза за Евробаскет 2021. За разлика од претходниот квалификациски циклус, македонската репрезентација овојпат ја крена играта на едно повисоко ниво, за кое противникот немаше одговор.
„Секако дека сум задоволен, ова е голема победа со која тргнуваме напред. Јас секогаш верував во оваа репрезентација, и по оној неуспех во август, инаку немаше да се вратам назад на клупата. Мило ми е што го покажавме своето вистинско лице, одигравме одлично и заслужено победивме. Дуелот го решивме со цврста одбрана, во втората четвртина го кренавме интензитетот, го исфрливме од ритам нивниот најдобар играч и ја завршивме задачата. Во последниот период Словаците делуваа предадено и почнаа очајнички со шутеви од далечина кои завршија во кошот, но ние останавме доследни на договореното, го запревме нивниот налет и заслужено победивме“ – изјави Давитков за ЕКИПА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА