Само шест години по историското четврто место на Евробаскет 2011, македонската кошаркарска репрезентација е принудена преку претквалификации да го бара својот билет за главната квалификациска рунда за континенталниот собир во 2021 година. Очајните изданија во квалификациите за Евробаскет 2017, надополнети со фијаското против Естонија и Косово во претквалификациите за СП 2019, беа причина за „толчење“ на реномето и рејтингот на нашиот национален тим, па со денешното гостување во Попрад (18 часот) стартува новата епизода во надеж дека конечно ќе биде направен чекор напред.
Словачка е противник со кого беа одиграни два контролни натпревари во текот на летото, првиот со убедлив пораз на Македонија од 89-74, а вториот прекинат од судиите при водство на нашиот национален тим. Во однос на тој дуел Словаците се значително засилени со Кајл Курич, одличниот шутер на Зенит, додека и нашиот национален тим е со значително променет состав, со Дамјан Стојановски, Магдевски, Димитријевиќ и со Ричард Хендрикс во своите редови. Задачата е тешка, но огромниот влог е само мотив повеќе за нашите кошаркари, бидејќи евентуален триумф во Попрад би значел и широко отворање на вратите кон првото место во групата (каде Швајцарија како трета селекција важи за тотален аутсајдер).
„Во последните две лета имавме квалификациски циклуси за заборав, нормално е сите да сме разочарани, но јас искрено верувам дека дојде времето оваа репрезентација да тргне напред. Повторно ни недостигаат некои играчи, но оние кои ќе играат ќе сторат се за да ги минат овие квалификации и да тргнат на еден пат во вистинска насока, по падот во последните два циклуси. Се надевам дека ова ќе биде еден добар нов почеток. Словаците се навистина добра репрезентација. Игравме таму две средби, видовме дека станува збор за сериозен состав, добро се движат, имаат центар што ни создаде многу проблеми. Ќе биде многу тешко, особено на тој прв натпревар што ќе го играме на гостински терен“ – изјави капитенот Војдан Стојановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА