Македонската кошаркарска експедиција попладнево со лет во 15.40 часот тргнува за Словачка, каде утре во Попрад ќе се сретне со словачкиот национален тим на стартот од новиот квалификациски циклус, овојпат во претквалификациите за ЕП 2021. Со неуспехот на последните мундијалски квалификации против Косово и Естонија е допрено дното, но кај нашиот подмладен состав е очигледна желбата конечно да се прекине со серијата слаби резултати и репрезентативната кошарка одново да направи чекор напред.
Тоа нема да биде нималку лесно, противникот важи за незгодна селекција, а згора на тоа селекторот Давитков имаше и бројни проблеми со повредите на Чековски, Трајковски, како и онаа последната на Александар Костоски. На помош повторно дојде Ричард Хендрикс, кој ќе биде значаен адут во битката под обрачите, додека на плејмејкерската улога во отсуство на Костоски товарот ќе падне врз младиот Ненад Димитријевиќ.
Капитенот Војдан Стојановски на првиот тренинг предупреди дека мора да се внимава на центарот на Словачка, но според селекторот Давитков клучната битка ќе се води со надворешната линија на Словаците, предводена од дебитантот Кајл Курич, беспрекорен шутер од редовите на Зенит.
„На контролите со нив летово словачкиот центар висок 226 сантиметри се покажа во солидно светло, но сметам дека тој не е толку опасен како надворешните играчи што словачкио0т селектор што ги има на располагање. Наше е да излеземе на терен и да одиграме најдобро што знаеме, не чувствуваме преголем притисок бидејќи овој циклус секако продолжува во февруари“ – Давитков го намалува притисокот врз своите избраници.
Третата селекција од оваа група, Швајцарија, важи за голем аутсајдер, па јасно е дека влогот на утрешниот дуел ќе биде огромен, бидејќи победа ќе значи и широко отворање на вратите кон главната квалификациска рунда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА