Дарко Соколов ќе биде следното засилување на МЗТ Скопје, откако „металците“ по доведувањето на четири нови странци решија да го освежат ростерот и со македонски кошаркар.
Искусниот бек одигра извонредно токму на дербито против актуелниот шампион на стартот од сезонава, што беше доволна препорака за Александар Тодоров да се заинтересира за неговите услуги. Соколов се чувствуваше среќен во Карпош соколи, но финансиските проблеми на актуелниот вицепрвак беа причина тој да ги разгледува останатите опции за кариерата. Во игра беа уште неколку екипи од Македонија, но Соколов на крајот сепак го избра МЗТ, тимот со кој договорот официјално ќе го потпише во следните денови.
Доаѓањето на овој кошаркар речиси сигурно ќе значи заминување за Бобан Стајиќ, плејмејкерот кој воопшто не добива шанса на последните натпревари, откако во МЗТ пристигнаа Павличевиќ и Мавра.
Раководството на „металците“ разгледува опција за уште максимум едно ново засилување во текот на оваа мини-пауза, а на листата со желби на шампионот се наоѓа Кире Николовски, поранешниот член на МЗТ кој исто така се подготвува за заминување од Карпош соколи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА