Ниту Гостивар не го запре Работнички

Работнички останува единствениот непоразен тим во кошаркарскиот шампионат на Македонија откако избраниците на Марин Докузовски во фантастичен натпевар славеа на гостински терен над Гостивар со резултат 76-78. Во вистински дерби натпревар, пред полни трибини и во спортска атмосфера, гостиварци одиграа фантастична трета четвртина во која постигнаа 30 поени, но сепак немаа сили и искуство да го издржат завршниот налет на Работнички, кој на крајот заслужено се радуваше на победата.

Натпреварот беше израмнет само во првите неколку минути, за потоа по водството на домаќините од 9-7 Работнички да направи серија од 13-2, оставајќи ги гостиварци на само два поени за неполни шест минути игра. Првата четвртина заврши со убедлива предност на гостите од Скопје од 11-20, по инсистирањето на избраниците на Србиновски на шутеви од далечина (девет упатени тројки за една четвртина, само една погодена).

Работнички го отвори второто полувреме со тројка на Николиќ и двоцифрена предност од 11-23, но домашните кошаркари не се предадоа, па набрзо ја преполовија својата негатива, стигнувајќи до 24-29 со тројката на Робев. Сепак, работите во финишот во свои раце ги зеде Виктор Ефремовски, младиот шутер на Работнички роден во Гостивар, кој со четири тројки ја врати убедливата предност на гостите од Скопје, за конечни 26-41 по првото полувреме.

гостивар-работнички4

Многумина би се откажале од негатива од 15 поени против тимот со перфектен скор во лигата, но Гостивар покажа карактер. Третата четвртина на домашниот тим беше сигурно најдобрата за гостварци оваа сезона, избраниците на Србиновски ја стегнаа одбраната, погодуваа и од рекетот и од далечина во нападот, па ги добија овие десет минути игра со неверојатни 30-13 и во последната четвртина домаќините влегоа со предност од 56-54.

Четвртиот период почна со загубена топка на Мираковски, по што Димчевски погоди тројка на спротивната страна за најубедлива предност на Гостивар во досегашниот дел од мечот, 59-54. Сепак, Работнички го покажа својот главен квалитет кога беше најважно, Докузовски постави одлична одбрана на својот тим, па по водството на Гостивар од 64-59 домашните кошаркари повеќе од пет минути беа без постигнат поен, а гостите од Скопје го искористија тоа, го свртеа резултатот во своја полза поведувајќи со 64-71. Црната серија на домашниот тим ја прекина Робев, следниот напад Тодоровиќ намали на 68-71, па Докузовски побара тајмаут на помалку од три минути до крајот на оваа средба.

Гостивар со тројката на Сегариќ израмни на 73-73, но Работнички беше тимот што го зададе последниот удар, со поените на Мираковски и на Гинјард успевајќи дефинитивно да се одлепи и да ја осигура победата изразена со конечните 76-78.

Гинјард со 18 поени и седум асистенции беше клучен играч во новиот триумф на Работнички, Крстевски постигна 15, а Костов и Ефремовски по 12 поени. Најдобри поединци кај Гостивар при денешниот пораз беа Тодоровиќ со дабл-дабл од 21 поен и 10 скокови и Димчевски со 23 поени.

Се вчитува...