Пролет ја продолжува серијата одлични игри и резултати во ракометната Супер-лига на Македонија, со што оваа екипа дефинитивно прераснува во најпријатно изненадување оваа натпреварувачка сезона. Избраниците на тренерот Матлиевски, кој се уште е без пораз како кормилар на овој скопски клуб, денеска гостуваа во Велес, каде стигнаа до неочекувано лесен и убедлив триумф од 24-31. Сите дилеми беа решени за само петнаесетина минути игра, кога Пролет поведе со 3-10, гостите на одмор заминаа со огромни девет гола разлика (10-19), по што рутински го приведоа мечот до крај во второто полувреме.
Ласко Андоновски повторно беше најефикасен со осум постигнати гола, пред Василевски и Манасков со по пет погодоци за Пролет, додека најдобар поединец кај Борец повторно беше Ивица Илиев, кој постигна дури 12 гола.
Далеку понеизвесно беше во Прилеп, каде домашната екипа по голема борба го совлада Металург 2 со резултат 28-27. Гостите на помалку од пет минути до крајот имаа предност од минимални 25-26, но прилепчани собраа сили за пресврт и со голот на Јане Јанчев во последната минута стигнаа до цел плен на оваа средба. Токму Јанчев беше најефикасен со единаесет погодоци, додека Димитар Димитриоски со осум и Мице Шилегов со шест гола беа најдобри ракометари во редовите на Металург 2.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА