Екипата на Кожув го доживеа шестиот пораз во домашното првенство, четврти пред своја публика, откако тимот на Куманово беше подобар со резултат од 82-67. Гевгеличани остануваат со еден единствен триумф во Првата лига, кој го остварија минатото коло против Струмица, додека кумановци ја прекинаа црната серија од четири порази во низа во домашното и регионалното натпреварување (БИБЛ – лига).
Избраниците на Ацо Петровиќ уште на стартот од средбата ја превзедоа иницијативата, па веќе по првиот период имаа сигурна предност од +12, додека реализираа дури 30 поени во кошот на Кожув. Во обид да се стигне резултатот и да се врати неизвесноста на средбата, домаќините ја освоија втората четвртина со 18-17, сепак и натаму беа во двоцифрена негатива.
Гостите од Куманово ги осигураа бодовите откако третиот период припадна во нивна корист, го ограничија Кожув на само девет поени за цели 10 минути, додека во завршницата кумановци ја направија и најголемата разлика на мечот (+21), а конечниот исход од 82-67.
Мирко Ковач го предводеше гостинскиот состав со 20 поени, новото засилување Адем Мекиќ реализираше 14 поени, украде и три топки, додека Караколев застана на 10 поени. За Кожув најефикасен беше Иван Мишковиќ со дабл-дабл учинок од 21 поен и 12 скока, додека Пековиќ и Салев постигнаа 15, односно 11 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА