МЗТ добро се испоти за победа над Гостивар

МЗТ Скопје многу потешко од очекувањата стигна до нова победа во домашното првенство, во дуелот што шампионот го играше против новиот прволигаш Гостивар и го доби со резултат 75-67. „Металците“ се уште се воигруваат по ангажманот на четири нови кошаркари во последните петнаесетина дена, а гостиварци со силен отпор за малку ќе ги замрсеа сметките на актуелниот првак.

Гостите дури и ја завршија првата четвртина со минимална предност од 17-18, за во вториот период МЗТ да заигра посериозно во одбраната и да го запре противникот на само 11 поени. Шампионот стигна и до двоцифрена предност, но гостиварци се вратија благодарение на Ивица Димчевски, кој погоди три тројки во овој период од мечот, девет од единаесетте поени на својот тим. На одмор се замина со резултат 33-29, а иако МЗТ Скопје цело време беше во водство, гостите не дозволуваа мечот да отиде во преголема разлика. Упорноста им се исплатеше на помалку од три минути до крајот, кога дојдоа на само „минус четири“ (64-60), но МЗТ го издржа тој последен налет, реализираше кога беше најважно преку Стојановски и Симоновски и на крајот заслужено триумфираше со 75-67.

 

mzt-gostivar-kosarka 14.11 (13)

 

Марко Симоновски го одигра својот најдобар натпревар сезонава постигнувајќи 22 поени, Трајковски оствари дабл-дабл од 13 поени и 11 скока, додека Спасојевиќ постигна 11 поени за МЗТ Скопје, додека најефикасни кај Гостивар при денешниот пораз беа Тодоровиќ и Сегариќ со по 18 поени, но плејмејкерот Сегариќ имаше и превисоки седум загубени топки.

 

mzt-gostivar-kosarka 2 del (13)

Се вчитува...