Кливленд кавалирс покажа знаци на живот за излез од резултатската криза откако актуелниот вицешампион по голема битка триумфираше на гостувањето против Њујорк со 101-104. Домашниот тим имаше предност од огромни 23 поени пред крајот на третата четвртина, потоа во последниот период Њујорк влезе со „плус 17“, но и тоа се покажа недоволно за да се стигне до победата. Кливленд се разбуди во последен миг, погоди дури девет тројки во четвртата четвртина, а во преден план беше Корвер, кој 19 од своите вкупно 21 поен ги постигна токму во последните дванаесет минути. Леброн Џејмс го заврши мечот со 23 поени и 12 асистенции, додека Тим Хардавеј џуниор беше стрелец на 28 поени за Њујорк.
Шампионот Голден стејт без многу мака стигна до победата на дуелот против Орландо меџик (110-100). Стеф Кари поради ситна повреда не настапи на овој меч, на кој „воините“ ги предводеше Дурант со 21 поен и осум асистенции.
Филаделфија е едно од најпријатните изненадувања сезонава откако оваа екипа успеа да слави како гостин и против ЛА клиперс со 105-109. Кошаркарите на Филаделфија имаа предност од 14 поени по првото полувреме, клиперси успеаја да се вратат, но на крајот пресуди тројката на Ковингтон на триесет секунди до крајот со која гостите си ја осигураа победата.
Резултати НБА:
Вашингтон – Сакраменто 110-92, Њујорк – Кливленд 101-104, Милвоки – Мемфис 110-103, Њу Орлеанс – Атланта 106-105, Феникс – ЛА лејкерс 93-100, Јута – Минесота 98-109, Портланд – Денвер 99-82, Голден стејт – Орландо 110-100, ЛА клиперс – Филаделфија 105-109.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА