МАМА МИА…Мундијал без Италија!

Четирикратниот светски првак Италија нема да биде дел од Светското првенство во Русија. Тоа е и повеќе од трагедија за „аѕурите“, кои низ својата историја играа шест финалиња, а последен пат не беа учесници на најголемиот светски фудбалски самит пред 60 години, во далечната 1958 година.

Италија, предводена од оспоруваниот Џампјеро Вентура, не успеа да го надомести минималниот пораз против Шведска (0-1), а со тоа и не заслужи да биде дел од мундијалот. Вентура се одлучи за Имобиле и Габијадини во нападот, го постави Дармијан на левата странична позиција, а во средниот ред му даде шанса на дебитантот Жоргињо. Можеби и клучно беше што го заборави Лоренцо Инсиње на клупата.

Ниту во вториот дел од реванш мечот на „Сан Сиро“ не го уфрли Инсиње, туку бараше нови решенија во нападот со Белоти, Ел Шарави и Бернардески. Сепак, немаше игра Италија за да успее да ја надмудри гранитната одбрана на Шведска.

Ел Шарави ја имаше најубавата шанса во 87.минута, но неговиот волеј удар со фантастична одбрана го спречи Робин Олсен, голманот на Шведска.

Швеѓаните ја елиминираа Италија токму на „италијански начин“, со еден гол, и без да се затресе нивната мрежа. Тоа е тажен крај на репрезентативната кариера за некои фудбалски легенди, пред се за Џанлуиџи Буфон…

Се вчитува...