ТРИ СЕКУНДИ: Битка за власт!

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Не е здодевно во мак-кошарката, Работнички реди победи и најавува атак на титула, МЗТ се обидува со ремонт да се спаси од големата криза, Блокотехна има старт од соништата во премиерната сезона од своето постоење, а огромна магла од неизвесност виси над Карпош соколи и Фени индустри, ланските финалисти од Купот на Македонија.

Сепак, сите овие активности се само најава за поинакви возбудувања – оние во борбата за власт, во која ќе има тројца главни актери.

  1. Петар Наумоски

Актуелниот претседател има уште една година од мандатот и наспроти очекувањата на противкандидатите дека промената на политичката власт ќе го натера самиот да си замине, тоа нема да се случи.

Да не се заборави дека Наумоски лани издржа „обид за пуч“ од истата онаа партија што го доведе на власт, предводена од „аеродромската сива еминенција“ откако гласно застана во одбрана на македонските играчи во однос на странците. На тоа Собрание претседателот си го промовираше сопствениот избор на кадри во комисиите (дел од нив промени речиси од корен), со што во старт ќе има предност во однос на потенцијалните противкандидати и за оваа зима. Тврдоглавоста и претераната самобендисаност придонесоа Наумоски да повлече низа погрешни потези како претседател на МКФ, но тоа е проблем не само на мак-баскетот, туку и на неговите ривали, бидејќи „Пеце национале“ нема без борба да си замине.

А изјавите дека ја има и политичката поддршка, потенцирајќи ги фотографиите со Премиерот Зоран Заев, не се ништо повеќе од обичен „спин“. Премиерот на Р. Македонија дојде да ја гледа жеската репрезентација на Македонија со новоформираната Работна група за унапредување на родовата еднаквост во спортот, чиј член е Генералниот секретар на МКФ, Моника Гаврилоска. Вистината е една – Наумоски ја немаше поддршката ниту на претходната, ја нема ниту на оваа политичка власт. Тоа и не треба да биде некој фактор, нели поентата е спортот да го одделиме од политиката, за работата нека говорат резултатите.

pece na sobranie

  1. Даниел Димевски

Поранешниот претседател беше симнат од власт токму од горенаведената „аеродромска сива еминенција“ и заменет токму со Петар Наумоски, Смената дојде како конечна казна откако Димевски претходно направи низа отстапки и целосно им ја препушти лигата на клубовите, нешто што беше тотално злоупотребено и придонесе да дојде до голем пад на квалитетот во домашното првенство.

Историското четврто место е главна препорака на Димевски, кој со самата промена на власта тивко тргна во кампања што ја интензивираше во последните два месеци. Од својата „ера“ Даниел остана добар со значаен дел од клубовите и сигурно е способен да собере потписи за собрание, но вистинската дилема е – дали и за конечна победа над Наумоски, кој нема да се предаде без борба.

daniel i jane

Друга работа е што Димевски сега крај себе ќе ги нема Дејан Лекиќ (работи во ФИБА) и Илија Мерџановски (се посвети на приватен бизнис), двајцата соработници за кои е добро познато дека вршеа огромен дел од работата, но наоѓаа и огромен дел од средствата за буџетот на федерацијата. Како без нив, оперативно и финансиски, Димевски најверојатно ќе се изјасни во текот на овие „игри за тронот“.

  1. Владо Илиевски

Кариерата како играч заврши без ниту една дамка, но Илиевски планира да остане дел од мак-баскетот и во иднина. За амбициите за претседател веќе проговори и отворено за ЕКИПА, но извонредниот плејмејкер треба во старт да знае една работа – играчките остварувања не значат речиси ништо во ситуација кога се неопходни пред се менаџерски способности.

Врвно кошаркарско име имаме и во моментов, но токму таква легенда на овој спорт со глава во облаци и го доведе мак-баскетот на ова дереџе. Карактерно и интелектуално „леле што направивме“ е над „Пеце национале“, но ова е битка што ќе мора да се води жестоко, а Илиевски барем досега делува како да е „премногу фин“ за војни. А тоа мора да го смени, не само за да дојде на чело на МКФ, туку и за потоа да опстои, бидејќи водењето со федерација, во спорт кој тоне, само по себе значи предизвици и битки со бројни незадоволни страни.

ilievski grcija

Кошарката ни е во криза, а ова е Македонија и работите речиси никогаш не се оправаат „глатко“. Желбата и ентузијазмот се недвосмислени и за поздравување, но оние кои се иницијатори на идејата „Илиевски за претседател“ треба барем до крај да бидат искрено со него и гласно да му објаснат што го очекува во битката за тронот, но и после неа, доколку победи.

Се вчитува...