Со комплетирањето на африканските квалификации, сега вкупно 26 национални селекции имаат обезбедено место за мундијалот што наредното лето ќе се одржи во Русија.
Покрај домаќинот Русија кој единствен имаше автоматски пласман, сите останати стигнаа до мундијалски билет преку квалификации, почнувајќи од актуелниот шампион Германија и вицешампион Аргентина, преку најтрофејната фудбалска земја Бразил до Франција, Англија, европскиот првак Португалија…
Од Африка по подолга пауза на мундијалите се враќа Египет, а тука ќе бидат и Сенегал, Мароко, Тунис…
Од оние кои дефинитивно ќе ги нема, изненадувачко е отсуството на Холандија, како и она на САД и Нигерија, селекции кои беа редовни на светските шампионати со години наназад.
- РУСИЈА
- БРАЗИЛ
- ИРАН
- ЈАПОНИЈА
- МЕКСИКО
- БЕЛГИЈА
- ЈУЖНА КОРЕЈА
- САУДИСКА АРАБИЈА
- ГЕРМАНИЈА
- АНГЛИЈА
- ШПАНИЈА
- НИГЕРИЈА
- КОСТАРИКА
- ПОЛСКА
- ЕГИПЕТ
- ИСЛАНД
- СРБИЈА
- ПОРТУГАЛИЈА
- ФРАНЦИЈА
- УРУГВАЈ
- АРГЕНТИНА
- КОЛУМБИЈА
- ПАНАМА
- СЕНЕГАЛ
- МАРОКО
- ТУНИС
Последните шест учесници на мундијалот ќе бидат познати по завршувањето на баражите. Во моментов најблизу до руска виза е Швајцарија, по победата од 0-1 на првиот меч на гостински терен против Северна Ирска, како и Хрватска, која денеска ќе му гостува на грчкиот национален тим со предност од 4-1 од првиот меч.
Италија утре ќе игра на „Сан Сиро“ против Шведска во обид да ја надополни негативата од 1-0 од првиот меч, додека Република Ирска во Даблин против Данска ќе го игра решавачкиот дуел откако првата средба заврши без голови.
Во последните две средби Перу ќе го пречека Нов Зеланд, а Австралија ќе биде домаќин на Хондурас, откако првите дуели на овие ривали завршија со идентични 0-0.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА