Илиевски: Ние многу грешевме, Работнички заслужено победи

Стратегот на Блокотехна, Марјан Илиевски, не го криеше разочарувањето по слабата партија на својот што донесе до прв пораз сезонава, и тоа на гостувањето во „Градски парк“ против екипата на Работнички. Коректно честитајќи му на противникот, Илиевски посочи дека причините за конечниот исход треба да се бараат во слабото издание на својот тим.

Работнички заслужено победи бидејќи ние го стартувавме натпреварот со многу грешки. Влеговме со, би рекол „нежен контакт“, имавме многу загубени топки. Самиот натпревар не донесе некоја кошаркарската претстава, но домаќинот дефинитивно доминираше. Противникот имаше 17 офанзивни скокови, што е многу значаен фактор, исто како и нашата лоша реализација во нападот. Најверојатно и натпреварите што ги играме на два фронта го земаа данокот на заморот, па денеска за првпат се случи противничкиот тим да истрча повеќе од нас. Нели велат од поразите се учи, некогаш се добредојдени за да се согледаат слабостите, но никогаш не е сеедно кога ќе загубите“ – изјави Илиевски по поразот.

Тимот од Гевгелија сезонава со леснотија постигнуваше над 90 поени, но овојпат потфрли во нападот, особено во првото полувреме во кое избраниците на Илиевски реализираа само 25 поени.

„Практично одбраната што ја играше Работнички е онаа одбрана со која ние досега ги изненадувавме противниците. Тие завршија одлична работа со преземањата во дефанзива, ние не се снајдовме во тој ритам, но и реализацијата и држењето на топка не беше на потребното ниво. Во секој случај, ќе кажам – не сме изненадени од Работнички бидејќи тоа е екипа што знае да игра кошарка“ – реален е стратегот на Блокотехна.

Се вчитува...