Леброн Џејмс сака да купи НБА франшиза

Трикратниот НБА шампион, Леброн Џејмс истакна дека би сакал да поседува тим од лигата во иднина, откако ќе стави крај на кошаркарската кариера. Џејмс не сакаше да потврди која франшиза би сакал да ја поседува, но знаејќи дека игра за Кавалирс, тимот каде ја започна кариерата и на кој им ја донесе првата титула во нивната историја, може да се каже дека Кливленд е првиот избор за него.

„Да се поседува било кој тим во НБА би било лудо. Ако се отвори таква можност и ако сум финансиски способен, ако успеам да спојам неколку квалитетни кошаркари, зошто да не?! Треба да го прашам Ден Гилберт (сопственикот на Кливленд) дали би размислил да ми ја продаде франшизата. Сметам дека би успеал на таква позиција. Ќе останам блиску до спортот, но за сето тоа ќе размислувам откако ќе ја завршам кариерата. Засега останува само желба“, истакна Џејмс.

Еден од најдобрите кошаркари кои воопшто заиграле на НБА паркетите може да си дозволи франшиза и во неговите активни денови, знаејќи ја неговата севкупна заработка преку договори низ годините. „Кралот“ досега има вкупна заработка од 203.7 милиони долари од договори, додека неговиот доживотен договор со „Најк“ изнесува една милијарда долари, како и мулти-милионските заработки како заштитно лице на „Битс електроникс“, „Кока кола“ и „Киа моторс“. Според овие бројки, може да се каже дека Леброн без проблеми би си дозволил НБА тим.

Според магазинот „Форбс“, Џејмс е втор најплатен спортист во светотза оваа година со заработка од 83 милиони долари, пред него е само ѕвездата на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо кој оваа година стигна до бројката од 93 милиони долари.

  

Се вчитува...