Маркоски: Среќен сум што сум дел од најдобриот тим

По откажувањата од неколку стандардни репрезентативци, македонската сениорска репрезентација со нешто изменет состав во однос на претходниот собир го очекува утрешниот пријателски натпревар против Норвешка од 18:30 часот на националната арена „Филип Втори“ во Скопје.

Со можност за свој деби настап во националниот дрес е и крилниот офанзивец на Работнички, Кире Маркоски кој верува дека Македонија може да ја продолжи низата на успешни настапи почната од триумфот против Израел во Хаифа…

„Мора најпрво да кажам дека ми е огромна чест и задоволство што добив повик за настап во сениорската репрезентација. Среќен сум што сум со најдобрите, верувајќи дека може и јас брзо да се вклопам во тимот затоа што сум тука и со добар дел фудбалери со кои игравме заедно во младата репрезентација“ – вели Маркоски, веднаш дополнувајќи:

„Што се однесува за мечот со Норвешка, верувам дека доколку на терен се исполни повторно комплетниот договор за игра зададен од стручниот штаб тогаш сигурно може да ја продолжиме добрата низа резултати. Сериозен мотив навистина постои во секој од нас, без разлика што се работи за пријателски натпревар. Лично мислам дека може да ја победиме Норвешка“.

Се вчитува...