Актуелниот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, се огласи во јавноста откако неговото име се појави поврзано со скандалот со прикривање данок, обелоденет во т.н. „рајските документи“. Тој истакна дека по скандалот околу него се направил хаос, но дека тоа нема да го наруши неговиот настап на трката во Бразил.
Во „рајските документи“, името на Хамилтон се појавува во даночните малверзации за затајување данок за неговиот приватен авион. Тој имал повраток на ДДВ во износ од 3.3 милиони фунти од вкупните 16.5 милиони колку што чинел авионот. Тоа се случило откако авионот на Хамилтон е увезен на островот Ман во 2013 година, објави „Индипендент“.
„Околу мене моментно е вистински хаос. Се вртат многу различни приказни, но јас немам ништо да додам на целото тоа сценарио. Јас останувам фокусиран на моите обврски и вредности и ќе се обидам да ја освојам бразилската трка по втор пат во својот живот“ – изјави Хамилтон пред заминувањето за Сао Паоло.
Хамилтон со победата на претходната трка во Мексико веќе ја обезбеди четвртата шампионска титула во Ф1 шампионатот.
Трката за ГН на Бразил ќе се вози на 12 ноември на патеклата „Интерлагос“ во Сао Паоло.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА