Блокотехна продолжи со извонредни игри и резултати во првата сезона од постоењето на овој амбициозен клуб од Гевгелија, откако избраниците на Марјан Илиевски во петтото коло од БИБЛ ја забележаа четвртата победа, на гостувањето против Ибар со убедливи 74-98. Дури и полесно од очекувањата, кошаркарите на Блокотехна рутински го одиграа овој натпревар, во раната фаза од мечот дојдоа до двоцифрена предност и на крајот заслужено славеа убедлив триумф.
Предводен од Казарновски, македонскиот клуб кон средината на првото полувреме стигна до предност од 7-18. Блокотехна на почетокот од деветтата минута имаше предност од 9-22, за потоа да дојде до мало опуштање кај македонскиот претставник, па Ибар на стартот од втората четвртина се приближи на 18-22. Тоа беше се што домашниот тим успеа да стори, Мијатовиќ со тројка ја прекина серијата на Црногорците и иницираше низа на својот клуб од единаесет поени, со што Блокотехна се одлепи и до крајот на мечот не му дозволи на домаќинот да се понадева на нов камбек.
На одмор со поените на Мелори се замина со резултат 32-48, по што тимот од Гевгелија на самиот старт од третата четвртина ја зголеми предноста над 20 поени. Ова овозможи мирна завршница, во која избраниците на Илиевски дури и уште повеќе ја зголемија позитивата, на неколку минути до крајот имаа и „плус триесет“ (56-86), за по опуштањето во самиот финиш овој натпревар да заврши со конечни 24 поени разлика (74-98).
Казарновски со 24 поени беше прв стрелец на Блокотехна, а одличен меч одигра и Американецот Бенџамин, кој реализираше 21 поен, 10 скока и пет асистенции.
Блокотехна во следното коло од македонското првенство ќе му гостува на Работнички, во дуелот на двете единствени непоразени екипи на домашната кошаркарска сцена. Во следната рунда од БИБЛ овој тим ќе гостува во Пловдив на бугарскиот претставник Академик.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА