Младата репрезентација на Македонија за фудбалери до 19 години утре од 13 часот против Швајцарија на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје ги стартува квалификациските натпревари за место во елитната рунда на патот кон ЕП.
Избраниците на Вујадин Станојковиќ максимално посветено изминативе денови ги минаа подготовките пред турнирот од кој се очекува уште еден наш пласман меѓу 32 најдобри селекции во Европа, по оној на селекцијата до 17 години.
Според многумина оваа генерација е една од најквалитетните македонски селекции предводена од Елиф Елмас, но и со извонредни поединци како Чурлинов (Келн), Митревски (Спортинг Лисабон), Атанасов…, поради што огромни се очекувањата дека тука во Скопје ќе избориме место за елитните квалификации.
„Секако дека нашите погледи се единствено насочени кон пласман во елитната рунда од квалификациите. Сакаме да ја минеме оваа прва квалификациска фаза иако се наоѓаме во квалитетна група. Но, фокусирани сме само на нашата игра. Сигурен сум дека веќе утре на првиот натпревар може да ја победиме Швајцарија. И верувам дека ќе ја победиме“ – оптимистички, наметнувајќи го победничкиот дух, го најавува почетокот на квалификациите Елиф Елмас.
„Што се однесува до мене, подготвен сум да го дадам максимумот без разлика со која генерација настапувам. Ова се моите врсници, до 19 години, и сигурно сакам заедно со нив да постигнеме добар успех“ – дополнува фудбалерот на Фенербахче.
Македонија, покрај со Швајцарија, е во група и со Белгија и Лихтенштајн. На 11. ноември ќе играме со Белгија, а на 14. ноември е последниот дуел со Лихтенштајн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА