Црвена звезда го растури на гостински терен Партизан со убедливи 84-100, во дерби дуелот од седмото коло во АБА-лигата. „Црно-белите“ влегоа во овој меч со серија од четири победи, но немаа лек за актуелните шампиони кои со феноменална игра во нападот (постигнаа 14 тојки) доминираа 40 минути и сосема заслужено се радуваа на убедлив триумф над вечниот ривал.
Црвена звезда го почна дуелот со серија прецизни шутеви од далечина, па откако Дангубиќ погоди за водство од 16-9, тренерот Николиќ побара тајмаут за Партизан за помалку од пет минути игра. „Црно-белите“ за момент се консолидираа и намалија на 17-18, но потоа во ритам влезе Лесорт, кој со шест поени во низа овозможи Црвена звезда резултатски повторно да се одлепи. Неколку шутеви погоди и Перо Антиќ, кој се вклопи во одличното издание на својот тим, па „црвено-белите“ заминаа на одмор со предност од 11 поени (42-53).
Македонецот со тројка го отвори второто полувреме, но потоа Партизан во неколку наврати успеваше да јеа преполови предноста на актуелниот првак. Домаќините тргнаа фуриозно на стартот на последната четвртина, кога експресно стигнаа до 70-76, но Антиќ со влегувањето во игра внесе сигурност во одбраната, додека Бјелица погоди неколку шутеви од далечина и предноста на „црвено-белите“ експресно се врати над десет поени. Искусниот состав на Црвена звезда не дозволи изненадување во самиот финиш, па заслужено стигна до триумф на овој дерби дуел, петта победа за актуелниот првак на седмиот меч од АБА-лигата сезонава, со што се израмни со Цедевита, со еден триумф помалку од лидерот Будуќност.
Милко Бјелица беше клучен играч на оваа средба со 29 поени и пет скока, Антиќ реализираше 13 поени и осум скока за „црвено-белите“, додека најдобар стрелец на Партизан при поразот беше Величковиќ со 18 поени, додека Милер оствари дабл-дабл од 16 поени и 11 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА