Иван Класниќ: Се чувствувам како Супермен, сега имам четири бубрега

Поранешниот фудбалски репрезентативец на Хрватска, Иван Класниќ, се опоравува од трансплантацијата на бубрег која ја направи на 17. октомври годинава. Трансплантацијата ја направи по трет обид, откако телото не ги прифати првите два бубрега, додека новиот бубрег му дава надеж за нормален живот во иднина.

„Засега се е во најдобар ред. Малку раната ме боли, но новиот бубрег функционира добро ме служи. Само во оваа рана фаза морам да бидам внимателен, да не се заразам со некој вирус, морам да избегнувам контакт со многу луѓе и да не се движам на места каде што е толпата. Засега носам заштитна маска преку устата и носот, со цел да го доведам до минимум ризикот од било какво разболување“, вели екс-голгетерот на Вердер, Болтон, Нант и Мајнц.

Првата трансплантација на бубрег за Класниќ не беше успешна, телото не го прифати бубрегот од неговата мајка. По втората трансплантација, бубрегот кој го донираше неговиот татко функционираше сосема во ред, екс-напаѓачот на Верден Бремен без проблеми ја одржуваше својата фудбалска кариера, но по девет години и тој бубрег откажа. Третиот бубрег е од донор кој нема семејна поврзаност со него, иако докторите сметаа дека има 30%  шанси телото да го прифати бубрегот, Класниќ вели дека засега фунционира без проблеми.

„Добро е чувството кога ќе се напијам течност без да се ограничувам. Порано морав да внимавам колку течности внесувам во телото, но третиот бубрег ме служи добро и полека ми се враќаат старите навики на нормален живот. Се чувствувам како Супермен, имам четири бубрега, моите два престанаа да работат, уште се на истото место, додека новите два ми се во предниот дел од телото. Носам и штитник за да не се повредам“, додаде 37-годишниот Класниќ.

 

Се вчитува...