Збогум за големиот мајстор: Пирло го одигра последниот меч во кариерата

Легендарниот италијански фудбалер Андреа Пирло стави крај на својата фанастична кариера. Тој го одигра последниот меч за Њујорк сити во полуфиналето на плејофот од Источната конференција во МЛС – лигата на САД, а тој влезе во игра симболично, во 90.минута, и доби овации од фановите.

Њујорк сити е елиминиран иако победи дома со 2-0, но не успеа да ја достигне негативата од 1-4 од првиот меч против Колумбус.

Во текот на 20-годишната кариера, Пирло беше еден од најдобрите играчи од средниот ред во светот, а неговата креација и настапите во репрезентацијата на Италија, како и во клубовите Бреша, Реџина, Интер, Милан, Јувентус и Њујорк сити, најдобро ја отсликува прекарот „Моцарт“. Тој беше вистински фудбалски Моцарт на терените.

Најголемите успеси во кариерата ги забележа настапувајќи за Милан во периодот од 2001 до 2011 година, кога даде голем придонес во освојувањето на трофеите во Лигата на шампионите, Серија А, УЕФА Суперкупот, како и Светското клупско првенство. Со репрезентацијата на Италија, чиј дрес го носеше 116 пати, ја освои титулата светски првак на мундијалот во Германија во 2006 година.

Андреа Пирло наскоро би можел да му се придружи на Антонио Конте во стручниот штаб на англискиот првак Челси, отпочнувајќи нова кариера како тренер.

Се вчитува...