Леброн Џејмс покажа зошто важи за најдобар кошаркар на денешницата откако со извонредна партија го предводеше Кливленд до триумф на гостувањето против Вашингтон. Актуелните вицешампиони славеа со 122-130 на гостувањето против незгодниот ривал, прекинувајќи ја сопствената „црна серија“ од четири порази благодарение на Џејмс и неговите 57 поени, втор најефикасен натпревар на „кралот“ во неговата фантастична кариера. Покрај поените, Џејмс имаше и 11 скокови и седум асистенции, а од соиграчите најголема помош доби од Дерик Роуз (20 поени) и од Џо Краудер (27 поени).
Кајри Ирвинг беше во главна улога во фантастичниот пресврт и победата што Бостон селтикс ја забележа на гостувањето против Оклахома сити. Селтикси имаа негатива од огромни 18 поени, но предводени од Ирвинг успеаја да се вратат и на крајот да слават со конечни 94-101, за својот седми триумф на деветтиот натпревар сезонава. Ирвинг со 25 и Хорфорд со 20 поени беа најзаслужни за победата, додека кај Оклахома најефикасен беше Пол Џорџ со 25 поени, додека Вестбрук постигна 19 поени и 11 асистенции.
Резултати НБА:
Детроит – Милвоки 105-96, Орландо – Чикаго 83-105, Филаделфија – Индијана 121-110, Вашингтон – Кливленд 122-130, Атланта – Хјустон 104-119, Њујорк – Феникс 120-107, Далас – Њу Орлеанс 94-99, Сан Антонио – Шарлот 108-101, Денвер – Мајами 95-94, Јута – Торонто 100-109, Оклахома сити – Бостон 94-101, ЛА лејкерс – Бруклин 124-112.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА