Селекторот на младата репрезентација на Македонија, Благоја Милевски верува дека повиканите репрезентативци добро ќе ја разберат својата задача во националниот дрес и на престојниот квалификациски дуел против Австрија на 14. ноември во Скопје ќе го поправат впечатокот од претходните дуели против Србија и Гибралтар.
„Ова е можеби и последна шанса за поголем дел од повиканите репрезентативци да покажат дека го заслужуваат дресот на младата репрезентација до 21 година. Дел од фудбалерите не го покажуваат својот целосен потенцијал, како во клубовите така и во селекцијата, и тоа ќе мора да се подобри. Можеби треба да работиме и на психолошки план со овие млади фудбалери и се надеваме на многу подобри изданија. Гибралтар е многу непријатна епизода која не сакаме да ни се повтори“ – истакна Милевски на денешната прес-конференција по соопштувањето на списокот за дуелот со Австрија.
Сега меѓу 21 фудбалер, повикани се и четири нови имиња, од кои две на голманската позиција.
„Има четворица дебитанти, двајца на голманската позиција, Ристе Јанков и Филип Трајчевски, како и Нехар Садики и Влатко Стојановски. Од голманите не сме задоволни и ќе мораме да бараме нови решенија. Нехар Садики се наметна во Работнички а и Влатко Стојановски дава голови во својот клуб па затоа добија повици“ – вели Милевски, потенцирајќи дека ќе мора да се даде максимумот против Австријците ако сакаме позитивен резултат.
„Австрија е квалитетна селекција, играчите играат во најдобрите австриски клубови, а имаат и интернационалци во Италија и во Германија. Ќе треба навистина труд за добар резултат, но како и секогаш веруваме дека можеме до него“ – вели македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА