Актуелните НБА шампиони, Голден стејт синоќа славеа на гостувањето против Сан Антонио со 112-92.
Иако победата на Вориорси на крајот беше и повеќе од убедлива (+20) на почетокот не изгледаше дека гостите ќе успеат да триумфираат. Се до половината од вториот период Сан Антонио имаше и убедлива предност, па дури и со +16 поени (51-35), но Кари, Дурант и компанија со одлична серија потоа успеаја да стигнат до пресврт.
Најефикасен во победничкиот тим беше Клеј Томпсон со 27 поени, Кевин Дурант мечот го заврши со 24 поени, Стеф Кари со 21 поен, додека одличен беше Дрејмонд Грин кој за 29 минути на паркетот имаше 16 поени и седум асистенции.
Листата на стрелци кај Сан Антонио ја предводеше Олдриџ со 24 поени, но со очајни 8/22 од игра, а двоцифрени уште беа и Андерсон со 16 поени и Гасол со 11 поени.
Голден стејт сега има 6 победи и 3 порази, додека Сан Антонио, по четирите почетни победи, врза четири едноподруго порази.
Демијан Лилард, пак, со тројка на 0,7 секунди пред крајот донесе победа за Портланд над Лејкерси, 13-та едноподруго за Блејзерси против „езерџиите“.
Лилард постигна 32 поени, а тројката за победа му беше само втора од шест обиди. Одлично го следеше Јусуф Нуркиќ со 28 поени, и по пет скока и асистенции, како и три украдени топки.
Во петтиот пораз на ЛА Лејкерс најефикасен беше Брук Лопез со 27 поени, а Кузма мечот го заврши со 22 постигнати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА