Шпанскиот интернационалец Санти Казорла повеќе од една година е надвор од фудбалските терени и не може да се опорави од тешката повреда на тетивата што му се случи во октомври 2016. Тој оттогаш се бори да ја надмине страшната повреда, поради која има осум сантиметри долг оперативен исечок на тетивата на десната нога. И ја отвори душата за шпанскиот весник „Марка“.
Сите негови желби биле урнати во моментот кога докторот му порачал да биде среќен, доколку повторно може да оди. За фудбал, многу и да не се надева.
„Најтешко за секој спортист е кога е оддалечен од тоа што најмногу сака да го работи поради повреда. А оваа повреда мене ме оддалечи повеќе од една година. И најстрашно од се беше кога докторот ми рече да бидам среќен ако повторно можам да одам. А доколку можам со син ми да играм фудбал во дворот, да бидам пресреќен. Тоа ги урна сите мои сништа, но не се предадов и се уште не се предавам“, вели Санти Казорла, кој сега се наоѓа на специјален медицински третман во Саламанка, и се надева дека повторно ќе го облече дресот на Арсенал.
Последен пат тој настапи на мечот против Лудогорец во триумфот од 6-0 во Лигата на шампионите, на 19 октомври 2016 година. Оттогаш поминаа 378 денови и тој пропушти 60 натпревари на Арсенал…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА