Илиевски: Стоиме цврсто на земја и по оваа победа, секој поголем успех е добредојден

Блокотехна вечерва направи големо изненадување победувајќи го актуелниот македонски шампион МЗТ во спортскиот центар „Јане Сандански“, па тренерот на гевгеличани, Марјан Илиевки е пресреќен по триумфот, но пред се е задоволен од начинот на кој неговиот тим се избори за победа.

„Среќен сум, но не само поради триумфот, туку и поради начинот на кој го остваривме тоа. Стратегијата ни фунцкионираше одлично, па како тренер ме радува што моите кошаркари го спроведоа на теренот се она што го подготвувавме за оваа средба. МЗТ е квалитетен тим, за нив допрва ќе доаѓаат резултатите, но вечерва ние ги искористивме малите промени кои ги имаат во ростерот. За среќа во нашиот тим се врати Казарновски, кој воедно беше и изненадување за противникот. Според минатите натпревари на МЗТ, знаевме дека најголема закана ќе бидат Трајковски и Стојановски кои се опасни од шутот за далечина, па се потрудивме колку што можеме да ја спроведеме нашата стратегија во одбраната. За наша среќа и двајцата вечерва имаа лош процент за тројка, а плус за нас беше што добро го затворивме рекетот“, вели Илиевски.

По четири кола во Првата лига на Македонија Блокотехна има перфектен учинок со максимални четири победи, па следува прашањето дали екипата од Гевгелија може да оди еден чекор подалеку од нивната цел, а тоа е пласман во плејофот и самата борба за шампионатот.

„Од самиот старт на првенството ние си ветивме дека политиката на овој клуб ќе биде цврсто стоење на земја без разлика над кого ќе обезбедиме триумф или пак од кого ќе изгубиме. Оваа победа е мотив повеќе за нас и за се ова што значи наша цел, а секој поголем резултат што ќе го оствариме ќе биде добредојден“, додаде Илиевски.

 

Се вчитува...